Саморазоткривање – Љ. П.

 

Низ сите овие години на саморазоткривање, единствено нешто што целосно успеав да го разоткријам е мојата љубов кон мачките. Нивната константност од памтивек, нивната елегантност иста со онаа на Клеопатра, нивната милост, убавина и недостаток на самосвест.

Така тоа секое утро, ете ти ги моите мачки внесени во ритуалот на лижење после оброк, ритуал стар илијадници години, на суштество навикнато повеќе да му се принесуваат жртви, отколку само да се потруди да убие.  Очигледно се практични, повеќе отколу човекот, повеќе отколку сите други суштества.

Потоа следи период на тегнење, спиење, дремење, демнење и јас сум тука некаде со мојот партнер, помеѓу вкусниот оброк и  гребењето, помеѓу сонот и мјаукањето за внимание. Забранувањето на некои нивни палавштини предизвикува црвени искри пламен во синилото на нивните очи. И тогаш сте сведоци на најубавиот бес кој можете да го забележите во нечии очи, по нечие тело. И знаете дека е време или вие или таа да се повлечи.

А потоа период на смиреност. И тогаш сфаќаш дека и таа, додека спие смирена и тивка, е како тебе. Сфаќаш дека и таа била прогонета и проколната. Тажна и напуштена, по улиците на големите градови, по жешките селски амбари, сосем сама, само поради тоа што не била како другите, оставена сама да гребе и мјаука за помош, бесцелно. Но сепак излегла посилна и похрабра. Затоа што таа, како и ти, е тука онаква каква е, а не привидна, употреблива.

Leave a comment